Утре во Австрија, Норвешка и Шведска ќе започне Европското првенство во ракомет. Првенството ќе заврши на 26 јануари, а прв пат во историјата завршницата ќе се игра во три дена. Тие натпревари ќе се играат во „Теле 2“ арената во Стокхолм, Шведска.
Швеѓаните се надеваат дека ќе го повторат успехот од 2002 година кога станаа првата репрезентација што успеала на домашен терен да ја освои титулата.
За да ја остварат желбата Швеѓаните планираат да го урнат рекордот според бројот на гледачи на еден натпревар на континенталните првенства.
Капацитетот на арената „Теле 2“ од 35.000 за потребите на Европското првенство е намален на 22.000 седишта.
Инаку актуелниот рекорд на европските првенства е поставен во 2012 година во Белград, кога полу-финалето помеѓу Србија и Хрватска го гледале 20.000 луѓе.