Top Sport

Лазаров: Нема да биде лесно против Турција, да не се залажуваме со нивниот пораз од Португалија

Ракометната репрезентација на Македонија на убедлив начин го почна патот низ квалификациите за пласман на Европското првенство откако на домашен терен го совлада Луксембург со 38:24. Но, веќе в недела следи многу поголем предизвик, гостување во Турција.

Селекторот Кире Лазаров предупреди дека тој и ракометарите нема да се залажат од виоскиот пораз на Турците против Португалија (27:44).

„Пред нас е еден потежок натпревар, бидејќи ќе бидеме гости и затоа што Турција е многу посериозна репрезентација од Луксембург. Без разлика што Португалија беше убедлива против Турците, тој резултат не смее да нѐ залаже. На Турците им недостасуваа двајца важни ракометари на овој меч, кои ќе играат в недела. Верувам дека и ние ќе го имаме Дејан Манасков кој треба да го одработи денешниот последен тренинг. Подготвени сме, но мора да бидеме и внимателни“, изјави Кире Лазаров.

Пласман на Европското првенство ќе обезбедат двете најдобри селекции во групата, како и четири најдобри од осумте третопласирани во сите квалификациски групи.

Scroll to Top