Top Sport

Лазаров пред дуелите со Вест Виена: Наша цел е пласман во наредната рунда

Извор/ rkalkaloid.mk

По успешниот старт на сезоната во кој екипата комплетираше 14 победи по ред меѓу кои и два натпревари од Европскиот ЕХФ Куп против литванскиот претставник Клаипеда Драгунас, РК Алкалоид се наоѓа пред вториот европски предизвик сезонава.

Во третото коло, РК Алкалоид за пласман во 1/8 финалето ќе игра против екипата на Вест Виена од Австрија.

Вест Виена е клуб со богата, речиси 80 годишна традиција и вредни резултати во кои се запишани и шест шампионски титули во домашното првенство едно полуфинале во Лигата на шампионите на ЕХФ.

Последната шампионска титула ја освоија во 2023 година, но соочен со економски проблеми, клубот истата сезона се повлече од најсилното натпреварување.

Веднаш успеа да се врати во најсилната конкуренција, а во процесот го освоија и Куп на Австрија со што се здобија со право да настапат во годинешниот ЕХФ Европски Куп.

Во второто коло, Вест Виена играше два натпревари на Фарски острови против екипата на Вестмана ИФ. На првиот меч победија со 29-22, разликата ја одбранија на реваншот што го загубија со 30-34.

„Виена е екипа која е составена од младински репрезентативци од Австрија, тим против кого нашите младинци одиграа ова лето нерешено. Противникот е технички добро подготвен и трча многу добро. За нас како тим тоа ќе биде одлично бидејќи играме ист ракомет. Гледачите во рок од 48 часа ќе можат да гледаат два добри натпревари. Наша цел е победа, но за тоа треба да одиграме. Мораме да бидеме максимално сериозни во пристапот, наша цел е да го надоградуваме нашиот систем. Се надевам дека ќе има повеќе публика во Автокоманда. Овие момци во периодот во кој измина заслужија да имаат поддршка особено на европски натпревари“, изјави тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров.

Двата натпревари ќе се играат во салата „Автокоманда“. Во петок (29 ноември) и сабота (30 ноември). Двата натпревари се закажани со почеток од 19:00 часот.

Scroll to Top