Македонскиот капитен, Кирил Лазаров во својата колумна за хрватскиот портал „Индекс“ зборува за втората европска титула на Вардар и инспирацијата која нивниот успех треба да ја носи кај сите спортски фанови.
„Ова е бајка. Приказна која ќе се раскажува со години. Вардар стана симбол за сите кои веруваат дека сè е можно. Вардар стана инспирација на сите луѓе на светот, не само за спортистите, туку за сите аутсајдери, да сфатат дека најважното во животот е да се верува, крваво да се работи и да се даде последната капка пот и крв за своите соништа. Овие момци седум-осум месеци немаат добиено плата. Лесно е да се правиме паметни, но единствената вистинска приказна можат да ја раскажат тие кои на својата кожа почувствувале како е да се живее и да се работи со такви услови. Пред две години, кога беа шампиони на Европа, имаа страшен тим, беа финансиски моќни и не беше изненадување што се искачија на врвот на Европа. Ова што се случи е нешто сосема поинакво. Минатата сезона и оваа им заминаа неколку играчи кои беа носители на играта, Циндриќ, Штербик, Борозан и Алекс Душебаев. Никој не им даваше шанси да влезат на Ф4, а не да стигнат до титулата“, пишува македонскиот капитен.
Пораката која Вардар ја праќа е најмоќна: „Немате право на оправдувања и алибија“.
„Само тие веруваа дека можат да направат нешто и тоа е многу поважно од резултатот. Пратија моќна порака на младите спортисти дека нема изговори, нема алибија. Не е важно дали управата не чини, дали се нема пари, дали имаш вакви или такви соиграчи, какви буџети имаат ривалите. Нивната приказна мора да биде патоказ за сите млади луѓе. Неверојатно е како во таа година дена без пари, со постојани написи дека клубот се распаѓа, што немало караници, што не е нарушена хемијата во тимот. Сите проблеми како да ги зближија и да го зголемија инаетот. Во животот сум освоил многу, но ретко кога сум бил толку среќен. Македонец сум и горд сум што ваква спортска бајка раскажа еден македонски тим. Вардар е институција во Македонија, многу повеќе од обичен клуб. Симбол. Се надевам дека овој трофеј и ова чудо ќе ги придвижи работите и дека Вардар ќе биде голем и моќен и во иднина“, додава Лазаров.
Тој имаше што да каже и за Барселона, клубот каде што и тој самиот играше.
„Финалето беше еднонасочно. Веспрем се доближуваше, но никој не веруваше дека ќе се вратат. Клучот беше полуфиналето против Барселона или поточно тоа второ полувреме. Неколку пати ги гледав тие половина час и не ми се верува што направија. На 15 минути пред крај Барса имаше плус шест и контра. И тогаш почна бајката. Тешко е да се објасни што се случи, но ќе се обидам. Во Барселона бев четири години, и тоа е најтрофејниот клуб во историјата, спортска институција и идеален клуб за играње кога се победува. Кога ќе дојде паниката, кога ривалот ќе ја намалува предноста, тогаш Барселона се губи. Се сеќавам пред неколку години против Флензбург, водевме пет-шест разлика и загубивме. Но, тоа не е само во ракометот, туку и во кошарката и фудбалот. Видете што се случи во ЛШ со Рома и Ливерпул“, објаснува Лазаров.