Ракометната Лига на шампиони стартуваше денеска со четири меча, од кои во најинтересниот германскиот Рајн-Некар Левен со 35:34 (16:13) ја совлада Барселона во дербито во Групата А, каде што се наоѓа и македонскиот шампион Вардар.

Германскиот клуб водеше во текот на целиот меч, за на крајот да стигне до тесна, но заслужена победа над каталонскиот гигант. Сигурдсон со шест гола, и Грецки, Ларсен и Шмид со пет гола беа разиграни за РНЛ, додека Алекс Гомез имаше дури 11 гола за Барселона.

Претходно, во групата Б, Мотор Запорожје не успеа да направи сензација против Пари Сен-Жермен, кои под водство на поранешниот тренер на Вардар, Раул Гонзалес стигнаа до 36:29 гостинска победа.

Вардар и Металург своето учество во ЛШ оваа сезона го започнуваат во сабота – Вардар му гостува на актуелниот европски шампион Монпелје (17.30 часот), додека Металург е кај Спортинг Лисабон (19.30 часот).

Фото: ЕПА

ЛИГА НА ШАМПИОНИ

ГРУПА А

Рајн-Некар Левен (Гер) – Барселона (Шпа) 35:34 (16:13)

ГРУПА Б

Мотор Запорожје (Укр) – Пари Сен-Жермен (Фра) 29:36 (12:17)

ГРУПА Д

Рихимаки Кокс (Фин) – Адемар Леон (Шпа) 19:19 (13:11)

Динамо Букурешт (Ром) – Елверум (Нор) 26:24 (12:11)