Top Sport

Лудо е кај Србите: Селекторот и потпретседателот се фатиле за гуша

Селекторот на српската ракометна репрезентација Јовица Цветковиќ и потпретседателот на Сојузот Драган Шкрбиќ имале вербален судир во Сплит, која замалку ќе се претворел во физичка пресметка, објави „Блиц“.

Инцидентот се случил по поразот од Шведска (30:25) во второто коло на Европското првенство. Србија претходно доживеа убедлив пораз од домаќинот Хрватска (32:22).

Весникот пренесува дека бурната расправија бргу завршила и дека во текот на денешниот ден Цветковиќ и Шкрбиќ ги испеглале недоразбирањата.

Во меѓувреме еден од најдобрите српски играчи Петар Ненадиќ најавил дека ЕП во Хрватска е негова последна акција во репрезентативниот дрес.

Ненадиќ во јуни ќе наполини 32 години и како што рекол сакал да се фокусира на клупските обврски. Сепак оставил простор дека можеби и ќе се врати во репрезентацијата.

„Пензија од репрезентативниот дрес или само пауза, се уште не сум сигурен. Во секој случај ми треба одмор. Ми треба „брејк“ во секој смисол. Времето ќе покаже дали е само привремена пауза. Ова е моја одлука, не е донесена во афект, на некои луѓе и претходно им го најавив ова“, рекол Ненадиќ.

Тој дополнил дека не е задоволен од своите изданија во репрезентативниот дрес и дека очекувал многу повеќе од целата генерација.

Ненадиќ за Србија дебитирал на ЕП во Австрија во 2010 година.

Scroll to Top