Машката македонска ракометна репрезентација не задоволи со играта, но со искусен пристап во второто полувреме оствари победа со 27-22 на гостувањето кај Финска, во претпоследното 5-то коло од групата 7 од квалификациите за Европското ракометно првенство во Шпанија. Со тоа местото на ЕП веќе не е доведено во прашање.
Ако се сумираат впечатоците од мечот, Финска беше доминантна селекција во првото полувреме благодарение на летаргичноста на момците предводени од Кире Лазаров. По првите 30 минути на семафорот во салата во финскиот град Рихимаки стоеше 14-12 за домаќинот.
Најзаслужен за ваквиот развој на настаните во првиот дел беше домашниот голман Росландер кој собра 11 интервенции.
Македонија со многу дупки во одбраната и без Лазаров, Миркуловски, Стоилов и Кузмановски на стартот на мечот делуваше помалку незаинтересирано за надигрување со противникот кој е далеку зад реномето на македонската селекција.
По 15-тина минути селекторот Кире Лазаров викна тајм аут, па споменатите четворица се најдоа на паркетот. Сепак, тоа драстично не ги смени работите на теренот, па на полувреме Македонија отиде со -2 гола.
Во второто полувреме Македонија тргна со два гола и набрзо резултатот беше израмнет, 14-14.
Финците ја вратија предноста, домашниот голман одбрани два седмерци на Лазаров, но нашата репрезентација „стегна во одбраната“, па во 42-та минута на семафорот стоеше 17-17.
Во 46 минута резултатот повторно беше израмнет 19-19, а водство на Македонија не дозволуваше голманот Росландер кој
во 47. минута ја забележа својата 18-та одбрана. Посебно опасен за нашите ракометари беше по ударите од 7 метри.
По последното водство од 7-8, конечно Македонија поведе со 19-20, стрелец Лазаров со неговиот четврти погодок во 48 минута.
Дебитантот Игор Ѓоргиев ги забележа своите први два погодока во националниот состав, и тоа од пенал.
Серијата на Македонија за пресврт на мечот беше 4-0 за највисоки +3, 19-22 во 52. минута.
6 промашени пенали за Македонија на овој меч од 12 обиди.
Македонија до крајот рутинирано стигна до конечен триумф од 27-22.
Кире Лазаров постигна 5 гола, исто толку имаше и Кузмановски, а голманскиот тандем Митревски – Томовски имаше 15 интервенции.
Голманот Росландер кај Финска мечот го заврши со феноменални 20 интервенции, додека кај стрелците Гранлуд даде 6 гола, а пет реализираше Мартин.
Во последното коло од овие квалификации Македонија ја пречекува Швајцарија.
Фото: РФМ