Ракометарките на Македонија ќе бидат во вториот шешир на извлекувањето на квалификациските групи за Европското првенство во 2024 година кое ќе се игра во Швајцарија, Австрија и Унгарија.
Ждрепката ќе се одржи на 20 април во Цирих со почеток во 17:00 часот, а топчињата ќе ги извлекува поранешнната капитенка на Црна Гора, Јованка Радичевиќ.
Во првиот шешир се и Франција, Данска, Германија, Холандија, Шведска, Шпанија, Црна Гора и Хрватска. Вториот шешир го сочинуваат Романија, Словенија, Србија, Полска, Чешка, Македонија, Словачка и Исланд, во третиот се Португалија, Украина, Турција, Италија, Фарски Острови, Литванија, Грција и селекцијата на Косово, а во четвртиот се Израел, Финска, Луксембург, Босна и Херцеговина, Летонија, Азербејџан и Бугарија.
Селекциите ќе бидат поделени во седум групи со четири екипи и една група со три екипи.
На првенството ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја група, како и четирите најдобри третопласирани селекции.
Настап на првенството, освен трите домашни селекции, обезбеди Норвешка како актуелен шампион на Стариот континент. Квалификациите започнуваат во октомври годинава.
Фото/ Игор Паневски