Македонската ракометна репрезентација покажа дека поразот од Грција во квалификацискиот меч за Европското првенство во 2020 бил само лош ден, откако во трилер-натпревар успеа да ги совлада Исланѓаните со 34:33 на нивни терен за директен триумф над главниот конкурент за првото место во групата 3.
„Рибарите“ секогаш биле незгоден противник за нашите ракометари, кои никогаш не славеле на ова гостување, но овојпат се чинеше дека победата е достижна, за на крај неа да ја обезбеди Дејан Манасков со својот деветти гол на натпреварот во последните секунди од мечот откако прво неговиот пенал го одбрани Густавсон.
Мечот не започна најдобро за нашите ракометари, откако Исланѓаните стигнаа и до +4 разлика (7:3, 9:5), но со одличен пресврт предводен од Гоце Георгиевски, да направиме пресврт и да дојдеме до 13:12 водство. На полувреме, сепак се отиде со 17:17, пред во првите 15-тина минути од второто полувреме да губиме со гол разлика.
Не се дозволи Исланѓаните да се одлепат и во финишот на натпреварот момците на селекторот Данило Брестовац покажаа одлична смиреност и нерви – Исланд поведе со 33:32 преку Арон Палмарсон на две минути пред крајот, пред прво Филип Талески да израмни, а потоа Манасков во неверојатна завршница да ја донесе победата.
Манасков мечот го заврши со 9 гола, Георгиевски имаше осум, додека капитенот Лазаров заврши со пет гола. Кај Исланд, Арон Палмарсон даде дури 12 гола, а Тор Гунарсон заврши со седум.
Фото: ЕПА