Ракометарите на Металург се поразени од Монпелје 21:27 (13:16) во рамките на седмото коло во Д-групата, во Лигата на шампионите. Тимот од Автокоманда го забележа четвртиот пораз, додека Монпелје го забележа седмиот триумф и од оваа конкуренција веќе обезбеди пласман на една од првите две позиции, која му гарантира осмина-финале.
Искуството, неспорниот квалитет и голманот Жерард беа клучните фактори за триумфот на францускиот тим во арената „Борис Трајковски“. Металург на фаворитот му пружи добар отпор, но падот во играта во последните десет минути на крај резултираа со убедлив пораз.
Монпелје на почетокот, со двата гола на Гигу, стекна два гола предност. Металург, предводен од Пешевски и Јагањац, целосно фати приклучок во 17.минута, ситигна до израмнување. Гостите во финишот на мечот повторно се „одлепија“ и тоа на највисоките три гола разлика 13:16.
По слично сценарио се одвиваше второто полувреме, одбраните на двата тима функционираа добро, а Монпелје успеваше да ја одржува предноста од два-три гола.
Металрург во 48.минута успеа да се доближи на гол негатива (21:22) имаше напад за израмнување без реализација, по што следуваше неверојатен пад на играчите од Автокоманда. До крајот на натпреварот Металург не постигна гол, а Монпелје со серија од шест гола ја завери победата.
Анѓелиќ, Пешевски и Јагањац постигнаа по 5 гола и беа најефикасни кај Металург, додека кај гостите прво име беше голманот Жерард со 14 одбрани од кои девет беа во второто полувреме. Стрелците кај Монпелје ги предводеа Косе и Порт со по 6 гола.
Металург во наредното осмо коло, на 18 ноември ќе гостува кај Бешикташ.