Top Sport

Металург победи во прошталниот меч на Јагањац

Ракометарите на Металург конечно ставија крај на лошата серија во која се наоѓаат од почетокот на сезоната. Серијата од 11 мечеви без триумф Металург ја прекина со победата над Татран Прешов 30:28, во СЕХА лигата. Мечот со екипата од Словачка беше последен за Халил Јагањац во дресот на Металург, тој кариерата ќе ја продолжи во Нексе.

Избраниците на тренерот Данило Брестовац решително влегоа во натпреварот имаа водство 3:0 во седмата минута, па иако противникот две минути подоцна израмни на 3:3, во 19.минута ја достигнаа највисоката предност 10:5.

До крајот на првото полувреме Татран неколку пати успеваше да се доближи на разлика од три гола, а првиот дел заврши со водство на Металург 15:11.

Според истото сценарио се играше и во второто полувреме, Металург го контролираше мечот, а во 49.минута на семафорот стоеше највисоката предност на мечот 25:18.

Металург малку попушти во последните 10 минути од натпреварот, а Татран со серијата од четири гола во периодот од 56. до 60.минута избори пристоен пораз.

Анте Токиќ со девет гола го предводеше Металург, додека Јагањац од скопската публика се прости со шест гола. На спротивната страна Томас Чоп постигна осум, а Јануш Лапајне седум гола.

Scroll to Top