Top Sport

Му се гледа крајот на проектот „ЖРК Вардар“

ЖРК Вардар, еден од најдобрите ракометни тимови во Европа изминативе години, по завршувањето на оваа сезона, ќе доживее целосна трансформација која сигурно нема да им се допадне на оние што во срцата ги носат црвено-црните бои.

Имено, topsport.mk, неофицијално, дознава дека оваа е последната сезона во која женската секција на Вардар ќе биде тим што во ростерот ќе има ѕвезди од светски ранг.

По натпреварот со Мец, со кој ракометарките на Вардар ја започнаа втората фаза во Лигата на шампионките, ракометарките биле известени дека нивниот престој во „Јане Сандански“ ќе трае до крајот на сезоната, а потоа се слободни да изберат каде ќе ја продолжат кариерата.

Планот на раководството бил од наредната сезона ЖРК Вардар да формира тим што ќе биде составен од македонски ракометарки.

Ова значи дека сезонава е последната шанса за ЖРК Вардар да ја освои европската титула откако лани не успеа во финалето против Ѓер, а претходно три години на завршниот турнир го освојуваше третото место.

ЖРК Вардар од сезоната 2012/2013 освои пет титули во домашното првенство и четири во Купот на Македонија, а минатата сезона првпат во историјата тимот победи и во регионалната ВРХЛ-лига.

Scroll to Top