Еден од хероите на Светското ракометно првенство во Египет кое заврши во неделата е пикерот на ДР Конго, 26-годишниот Готје Мвумби.
Ракометниот џин кој официјално е висок 195 сантиметри и тежок 137 килограми во интервју за српски „Телеграф“ раскажува како го доживеал шампионатот и кои искуства ги носи од Египет.
„Мундијалот ми го донесе неопходното искуство и имам нова визија за ракометот. Кога зборувам за учинокот, двапати бев играч на меч, презадоволен сум, горд сум на себе си и на своите соиграчи“ рече Мвумби.
Тој ќе остане запаметен и по спектакуларниот танц што го изведе по еден од мечевите.
„Го победивме нашиот голем ривал Ангола, првпат по 2014 година. Одлучивме со танц да го прославиме нашиот триумф“ вели пикерот.
Прашан како го поминува слободното време, тој вели:
„Најчесто гледам НБА, голем обожавател сум на Кевин Дурент и би сакал Бруклин да освои титула токму поради него“.