Ракометарите на Вардар имаат перфектен старт во сезоната. По радикалните промени во составот, ниту најголемите оптимисти не очекуваа дека Вардар, сезоната во Лигата на шампионите ќе ја стартува со четири победи во исто толку натпревари.

Црвено-црните, во „групата на смртта“, имаа тежок распоред на стартот, две тешки гостувања кај актуелниот шампион Монпелје и Веспрем, а ништо полесен не беше ниту дуелот со Рајн Некар во Скопје. Против Кристијанштад во Скопје, Вардар влезе како апсолутен фаворит и таа улога во целост ја оправда.

Во првите четири натпревари Вардар примил 101 гол (нешто повеќе од 25 во просек), што е најмалку од сите тимови што се натпреваруваат во групите А и Б. Зад Вардар се ПСЖ (105 гола) и ПИК Сегед (106 гола).

Вардар против наведените противници постигна вкупно 116 гола, што значи дека во групите А и Б го има деветтиот најдобар напад, но познато е дека добрата одбрана носи трофеи.

Индивидуално, во нападот, Вардар го предводат Вуко Борозан со 22 постигнато гола, Иван Чупиќ (20) и Тимур Дибиров (18).

Вуко Борозан е најдобар стрелец во тимот со 22 гола, пред Иван Чупиќ со 20 и Тимур Дибиров со 18.

фото: rkvardar.mk