Ракометниот првак Вардар е пред комплетирање на ова двојна круна, а почна да го формира тимот за следното издание во Лигата на шампионите. Вардар го засили тимот со рускиот интернационалец Павел Андреев (194 см. / 96 кг.) кој доаѓа од тимот на Чеховски Медведи и игра на пивотменската позиција.
Андреев кој има 29 години од 2006 година е дел од тимот на повеќекратниот шампион на Русија, а од 2014 игра во првиот тим. Зад себе има и настапи за репрезентацијата на Русија на последните две големи натпреварувања на кои настапи неговата репрезентација, на ЕП 2020 и на СП 2021.
Со ангажирањето на Андреев одбраната на Вардар треба да биде подеднакво цврста како и досега, и тоа е играч што настапува во два правци, и во напад и во одбрана.
Во сезоната 2019/20 беше избран за најдобар дефанзивец во руската Суперлига, а со Чеховски Медведи досега има освоено 7 шампионски титули, 4 во Купот на Русија и 7 во Суперкупот.
Андреев шест сезони беше дел од Лигата на шампионите со рускиот првак, а последните две играше во Лигата на Европа. Минатата сезона даде 30 гола, додека актуелната сезона, во групната фаза на осум меча постигна 15 погодоци.
Андреев е четврто засилување за Вардар, по десниот бек Цехте, средниот бек Анѓелиќ и левиот бек Дуарте.