Фото/ facebook.com/hceurofarmpelister
Европската ракометна федерација (ЕХФ), го објави списокот на клубови кои се во конкуренција за настап Лигата на шампионите во сезоната 2024/2025. Следната сезона ќе биде последна која ќе се игра во овој, за многумина здодевен формат, две групи со по осум екипи.
ЕХФ, објави дека сигурни учесници се шампионот Барселона, односно Олборг, Пари Сен Жермен, Магдебург, Фуксе Берлин, Веспрем, Колштад, Висла Плоцк и Спортинг Лисабон.
Остануваат уште седум места. Специјална покана од ЕХФ официјално побарале 12 клубови, што значи дека пет ќе извисат. Меѓу клубовите кои поднеле барање за специјална покана е и македонскиот првак, Еурофарм Пелистер.
Извесно е дека полскиот, унгарскиот и францускиот вицешампион Кјелце, Пик Сегед и Нант, како и хрватскиот и романскиот шампион Загреб и Динамо од Букурешт, ќе бидат дел од евроелитата следната сезона.
За преостанатите две места кандидати се вицешампионите на Данска, Шпанија, Португалија и Норвешка: Фредериција, Бидасоа Ирун, Порто и Елверум, како и пампионите на Швајцарија, Македонија и Словачка: Кадетен Шафхаузен, Еурофарм Пелистер и Татран Прешов.
ЕХФ наредната серда ќе одлучи на кои адреси ќе испрати специјални покани, а конечниот состав на Лигата на шампионите ќе биде соопштен во петок на 21 јуни на состанокот на Извршниот комитет на ЕХФ во Осло.
Извлекувањето на групите е закажано за 27 јуни во седиштето на Европската ракометна федерација во Виена.