Еурофарм Пелистер ќе мора да надополни разлика од три гола во реваншот од осминафиналето на Европската лига на ЕХФ, откако на гостувањето кај Нексе во Хрватска загуби со 29:26 (13:10).
Домашниот тим имаше подобар старт на мечот и поведе со 4:1, пред Пелистер да се врати за да поведе со 8:9, за резултатската „клацкалка“ да продолжи и Нексе да успее да направи предност од три гола (13:10) на полувреме. На стартот на вторите 30 минути, домаќините дојдоа и до четири гола разлика, но тимот на Жељко Бабиќ се врати во игра, за на крајот да се задоволи со пораз со три гола разлика, кои секако ќе бидат достижни на домашен паркет во Битола.
Елмир Граѓан беше најефикасен за битолскиот клуб со шест гола, додека Табоада додаде пет, а за Нексе, Фахрудин Мелиќ даде осум гола.