Top Sport

Пелистер не успеа – нов пораз од Нексе, Лазаров ги „крена“ Нант над Фухсе Берлин

Еурофарм Пелистер е елиминиран во осминафиналето од Европската лига на ЕХФ, откако и пред домашната публика во Битола, со 21:22 загуби од хрватскиот клуб Нексе од Нашице. „Зелените“ бркаа победа со разлика поголема од три гола по 26:29 поразот на гости, но лошиот почеток на второто полувреме, значеше дека ова е недостижна цел.

Во преполната сала „Боро Чурлевски“, Пелистер имаше фантастичен старт на мечот, поведувајќи со 7:3, но на полувреме се отиде со израмнет резултат (11:11). Нексе го почна второто полувреме со три гола без одговор, предност која ја оддржуваа до самиот финиш на мечот, кога Пелистер успеа да се врати за да израмни на 20:20, но немаа доволно време за целосен пресврт.

Стипе Мандалиниќ беше најефикасен за Пелистер со шест гола, пет уфрли Раиниер Табоада, додека за гостите Марин Јелиниќ имаше пет постигнати гола.

Во Берлин пак, македонскиот капитен и селектор, Кирил Лазаров беше еден од најзаслужните што неговите Нант влегоа во четврт-финалето со нова 30:33 гостинска победа кај бундеслигашот Фухсе Берлин. Лазаров постигна пет гола, вклучувајќи го овој фантастичен на стартот на мечот за да помогне во победата на францускиот тим.

Фото: РК Еурофарм Пелистер

Scroll to Top