Поранешниот српски селектор, Дејан Периќ е новиот член на стручниот тим на европскиот шампион во ракомет, РК Вардар, каде што ќе биде одговорен за развојот на голманите.
Во својата играчка кариера Периќ има настапувано за екипите на Динамо Панчево, Црвена Звезда, Пелистер, Атлетико Мадрид, Теукро, Целје, Барселона и Веспрем.
Како дел од овие тимови двапати беше европски првак, со Целје во 2004 и со Барселона во 2005. Со Веспрем во 2008 го освои КПК, а има и девет титули во првенствата на Словенија, Шпанија и Унгарија.
„ За Македонија ме врзуваат убави спомени бидејќи на почетокот на мојата кариера играв во Битола. Исто така во еден период и мојот татко беше тренер на Вардар, па затоа ја чувствувам поврзаноста со тимот. Верувам дека заедно со Вардар ќе продолжиме со добрите резултати и во иднина ќе има добри голмани кои и досега беа препознатлив дел од тимот. Одамна се имам запознаено со амбициите на Вардар и со неговиот сопственик Сергеј Самсоненко, и ова сигурно ќе биде нов предизвик и за мене. Очекувам заедно со тимот и стручниот штаб да соработуваме добро и да донесеме уште подобри резултати. Вардар е тим од самиот европски врв, има одлични играчи и услови и тоа е добар предуслов за продолжување на она што клубот во моментов го има постигнато“, изјави 47-годишниот Периќ за официјалниот веб-сајт на РК Вардар.