Унгарскиот Веспрем долго време важеше за ракометен гигант, меѓутоа низата слаби резултати донесоа до бркање на тренерот Љубомир Врањеш, неговиот помошник Бјорн Сатерстром и спортскиот директор на клубот, Никола Еклемовиќ.
Одлуката за нивна смена ја направи претседателот на клубот, Золтан Чик, по извештаите за конфликт во соблекувалната, јавуваат унгарските медиуми. По 10 години доминација, минатата сезона Веспрем ја загуби титулата од Пик Сегед, а по финалињата во 2010, 2015 и 2016 загубија во четврт-финалето на ЛШ од данскиот Скјерн.
Сепак, управата застана зад Врањеш, нешто што ги налути ракометарите, по што тренерот реши да им ги намали платите, а атмосферата придонесе за поразите во ЛШ од Барселона (31:28) и Вардар (25:27), кој ја „прелеа чашата“.
Во соработка со Арпад Штербик, Ласло Наѓ и Момир Илиќ, претседателот на клубот реши да го отпушти Врањеш. По ова, 50-тина навивачи на клубот влегоа на тренинзите на клубот со намера а го нападнат Врањеш.
На негово место доаѓа Иштван Ѓуљаш, поранешен репрезентативец на Унгарија, кој досега работеше со јуниорскиот тим.
Фото: ЕПА