Актуелниот шампион на Европа, Монпелје е последниот противник на Вардар оваа сезона, во фазата по групи во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ натпреварите во А-групата ќе ги завршат најмалку на третата позиција, но победа над Монпелје и пораз на Веспрем ќе ги искаќи едно скалило погоре на табелата.
„Ова ни е последен дуел од Лигата на шампионите и со победа ќе направиме одличен резултат. Фокусирани сме на натпреварот и сакаме да покажеме дека можеме да го совладаме Монпелје. Сепак, што и како ќе се случи ќе видиме потоа откако ќе ги знаеме другите резултати. Ние мораме да победиме за да можеме потоа да имаме одредени калкулации околу пласманот”, изјави тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо, посочувајќи дека деновиве има одредени кадровски проблеми.
„Имаме 5-6 ракометари кои се жалат на повреди. Не можам со сигурност да кажам дали ќе играат или ќе одмораат. Ќе видиме од ден за ден колку ќе бидат подготвени. Имаме план А, Б, Ц и Д и тоа на сите позиции, но мораме да размислуваме на тоа кои играчи можат да играат и напад и одбрана”.
На првиот меч сезонава во Франција триумфираше Вардар.
„Мораме секого да го победиме на домашен терен. Без разлика кој е нашиот противник ние сакаме да победиме. Имаме проблеми со повреди на дел од играчите, но играме дома и сакаме да ја завршиме групната фаза со победа”, изјави Тимур Дибиров.
Средбата Вардар – Монпелје ќе се одигра в сабота од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански“.
фото/rkvardar.mk