Хрватските ракометни ривали ППД Загреб и Нексе Нашице не можат да се договорат чиј ракометар е Иван Сршен, по што случајот ќе оди на арбитража кај националната ракометна федерација.
Сршен официјално е ракометар на вице-шампионот Нексе, но моментално е како позајмен ракометар во Загреб, каде што покажува одлични партии, како вчера во Лигата на шампионите кога им даде девет гола на Скјерн.
Проблемот е во тоа што Сршен прво беше позајмен на Пик Сегед, по што дојде во Загреб, и сега од Нексе го сакаат назад. Загреб се бунтува, тврдејќи дека е договорена едногодишна позајмица, а Нексе сака засилување за СЕХА лигата. Бидејќи нема договор случајот на 27-годишниот Сршен оди на арбитража, коај за осум дена треба да ја донесе одлуката.
Претходно ППД Загреб и Нексе беа во „трка“ за потписот на поранешниот ракометар на Металург, Халил Јагањац, кој откако го избра Нексе потоа беше „игнориран“ и пратен прерано дома од страна на селекторот Лино Червар на Светското првенство во Германија и Данска.