Top Sport

Против „старите познаници“ Чесите за пласман во втората фаза

По драматичната победа над Украина, осигурана во последните секунди од мечот, денеска (16.00 часот), македонската ракометна репрезентација ја чека вториот тест, „стариот познаник“ Чешка, репрезентација против која имаме играно дури 14 пати.

Со надеж дека нема да бидат потребни средства за смирување во мечот, со победа селекцијата на Данило Брестовац ќе зачекори кон втората фаза на Европското првенство пред дуелот со мотивираните Австријци, но секогаш е најтешко да се игра со противници кои немаат што да загубат – со пораз, Чесите би се простиле од Евро 2020.

Во 14-те претходни дуели на двете репрезентации, Македонија има 5 победи, Чесите 6 пати славеле, а три натпревари завршиле без победник. На ЕП во 1998 година токму од нив го имаме доживеано најголемиот пораз на едно ЕП (38:18), а во посвежите сеќавања тука е дуелот од ЕП пред две години, кога загубивме со 25:24, така што сега е совршено време за реванш.

Чешка сигурно е посилен противник од Украина и нема да биде лесно да се спротиставиме на репрезентација која на речиси секоја позиција има одлични ракометари – Здрахала, Бабак, Бечвар, Кашпарек… Ветеранот Ондреј Здрахала вели дека мораат да одат на победа.

„Во првиот меч бевме премногу нервозни, посебно младите ракометари. Ќе биде тешко, знаеме дека мораме да победиме. Не смееме да дозволиме да примиме 32 гола како против Австрија“, вели Здрахала.

Фото: ЕПА

ДЕНЕСКА НА ЕП, 2.КОЛО

ГРУПА Б

Чешка – Македонија 16.00 ч.

Австрија – Украина 18.15 ч.

Табела: 1.Австрија 2, 2.Македонија 2, 3.Украина 0, 4.Чешка 0

ГРУПА Д

Португалија – Босна и Херцеговина 16.00 ч.

Франција – Норвешка 18.15 ч.

Табела: 1.Норвешка 2, 2.Португалија 2, 3.БиХ 0, 4.Франција 0

ГРУПА Ф

Швајцарија – Полска 16.00 ч.

Шведска – Словенија 18.15 ч.

Табела: 1.Шведска 2, 2.Словенија 2, 3.Полска 0, 4.Швајцарија 0

Scroll to Top