Македонија стигна до убедлива победа од 37:31 над Србија во првиот од двата тест-меча пред стартот на Светското првенство во ракомет во Германија и Данска, покажувајќи дека формата е темпирана во вистинско време.
Момците на селекторот Раул Гонзалес, беа убедливи од почетокот до крајот, откако на полувреме имаа предност од шест гола, која во второто полувреме беше и двоцифрена. Во финишот на мечот, селекторот им даде шанса и на помладите ракометари во составот, а падна и концентрацијата и Србите успеаја да се доближат на седум гола разлика.
Дејан Манасков беше најрасположен за игра со девет голови, додека Кузмановски додаде шест. Кај Србите, поранешниот вардарец, Мијаило Марсениќ имаше три гола.
Ракометарите и утре ќе имаат шанса да се подготвуваат против репрезентацијата на Србија, но овојпат натпреварот ќе биде затворен за публиката.
Македонија во Германија ќе игра во групата Б, во супер-тешката група со Шпанија, Хрватска, Исланд, Бахреин и Јапонија. Во другите пријателски натпревари од оваа група, Хрватите немаа проблеми на тестот со Црна Гора победувајќи со високи 34:22 , додека Шпанците со беа подобри со 34:28 од силната Полска.
ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАРИ
Германија – Чешка 32:24 (17:13)
Португалија – Тунис 28:31 (14:15)
Саудиска Арабија – Белорусија 23:36 (10:15)
Хрватска – Црна Гора 34:22 (14:12)
МАКЕДОНИЈА – Србија 37:31 (19:13)
Шпанија – Полска 34:28 (17:16)