Неверојатна ситуација се случи во 2.коло во Купот на ЕХФ, во реваншот помеѓу Санкт Петербург и Хафнарфјордур. Целиот хаос го направил делегатот и неговото непознавање на правилата.
Имено, првиот натпревар кој се одигра на Исланд, Хафнарфјордур го доби со 32:27, а во реваншот рускиот тим победи со идентичен резултат. И наместо екипите да го решат пласманот во третото коло со изведување на удари од седум метри, делегатот решил да се играат продолженија. На крајот Санкт Петербург победил со 37:33, а во наредната рунда според делегатот се пласирал исландскиот тим.
Логиката на делегатот била дека Санкт Петербург победил со четири гола, а загубил во првиот меч со гол повеќе. Рускиот тим веднаш поднел жалба до ЕХФ, која била прифатена со образложение дека делегатот направил голема грешка.
Одлуката на ЕХФ повторно да се состанат, но само за да шутираат седмерци.
„Двата тима мора да го одработат реваншот според правилата. Резултатот кој е постигнат по продолжението е поништен, важи резултатот постигнат по 60 минути (32:27). Ние ќе ги подмириме сите трошоци за новиот меч, по што ќе биде познато која екипа ќе оди во наредната рунда“, стои во соопштението на ЕХФ.
Победникот од овој натпревар во 3.коло ќе игра против Татран Прешов.