Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Раул Гонзалес ги собра репрезентативците по повод ЕХФ неделата. Националниот тим ќе работи во Скопје во наредните шест дена под будното око на шпанскиот стратег и неговите помошници.
Раул Гонзалес на списокот за ЕХФ неделата, кој го објави на 6 октомври, повика 21 ракометар, меѓу кои ново име е само голманот Јане Цветковски, а поради здравствениот билтен (неколкумина играчи имаат проблеми со повредите) тој дополнително го повика и играчот на Еурофарм Работник, Горан Крстевски.
Шпанецот, невообичаено за ваквите собири реши репрезентацијата во овој период да не одигра ниту еден проијателски натпревар, туку само да се работи на тренинзите со цел и тој самиот уште подобра да се запознае со одредени играчи и да го воигрува тимот за она што го очекува на Европското првенство во Хрватска.
„Ако сакаме успех за мене е многу поважно да тренираме заедно. Не можам доволно да го подготвам тимот кога играме натпревари. Сметам дека така не можеме доволно да се воиграме. Ова е вистински момент, имам доволно време до Европското првенство, ракометарите не се под притисок. Низ тренинзите ќе може да се воиграме во одбраната и нападот, со цел ритуна да ни бидат мечевите на ЕП“, рекол меѓудугото Раул Гонзалес.
Македонија на Европското првенство се наоѓа во групата која ќе се игра во Загреб заедно со Германија, Црна Гора и Словенија.