Селекторот Раул Гонзалес уште еднаш го покажа своето ракометно знаење, поставувајќи совршена игра против силниот и цврст германски тим и обезбедувајќи 25:25 реми, по кое Македонија е на првото место во својата група и со 3 поени патува во Вараждин во борба за висок пласман.
Шпанскиот стратег не го криеше задоволството по импресивната игра, во која Македонија покажа дека има и ракометари на кои ќе може да се смета во иднина – Талевски, Кузмановски, Манасков…
„Многу сум задоволен од мечот, и нормално дека сме среќни. Можевме до победа, но тука беше притисокот за да го освоиме првото место. Сега не чека ден одмор и верувам дека ќе бидеме уште подобри“, вели Раул.
Во втората рунда, Македонија ја очекуваат дуели со татковината на Раул, Шпанија, Данска и Чешка, која успеа да ги прати дома Унгарците со три порази во три меча.
„Имаме три поени во втората фаза и мислам дека тоа е одлично. Но, одиме чекор по чекор. Сега, моите играчи се уморни, но кога играш со срце така е“, вели Гонзалес.