Женскиот ракометен клуб Ѓорче Петров ќе стане наследник со сите трофеи на поранешниот европски првак Кометал Ѓорче Петров. Ова го потврди Трифун Костовски, поранешниот спонзор на Кометал ЃП.
Кометал ЃП подолг период не егзистира, а Трифун Костовски смета дека тоа ќе биде една добра одлука, за што е запознаена и Ракометната федерација на Македонија.
Официјалното предавање на трофеите треба да биде потпишано во мај кога ќе се слави 20 години од европската титула на Кометал Ѓорче Петров.
„Можам да кажам дека го возобновивме Ѓорче Петров, кој денеска е веќе една од најсилните екипи во Македонија. На мај, кога ќе славиме 20 години од европската титула, ние од старото раководство, ќе му ги пренесеме сите трофеи од Кометал ЃП, како едно наследство на клуб кој веќе има историја на постоење. Сметам дека тоа ќе биде еден убав симбол и да се поттикне женскиот ракомет“, изјави Трифун Костовски.
Кометал ЃП во клупската историја освои 17 шампионски титули во Македонија, 16 пати беше победник на Купот, а стана и европски првак.
Сегашниот тим на Ѓорче Петров се бори по пауза од 12 години повторно да ја врати титулата и моментно е на делба на првото место на табелата.