Еурофарм Пелистер има нов тренер. Откако спогодбено се раздели со тренерот Раул Алонсо, кој ја освои титулата со клубот од Битола, клубот на неговото место го донесе Рубен Гарабаја Аренас.
Гарабаја има 46 години и полна витрина медали и одличја од богатата играчка кариера. Играше 168 пати за шпанската репрезентација на позиција кружен напаѓач, постигна 318 гола и освои светска титула во Тунис 2005 година, сребро од Европскиот шампионат во Швајцарија следната година, бронза од Олимписките игри во Пекинг во 2008 година и Мундијалот во Шведска во 2011 година.
Рубен Гарабаја доаѓа од покраината Астурија, кариерата ја започна во Адемар Леон (освои Куп на Кралот и ЕХФ Куп на Купови), играше за Фригорификос де Моразо и Ваљадолид, за 2007 година да го облече дресот на Барселона.
Со Барса освои три АСОБАЛ лиги, два Купа на Кралот, а играше и во финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2009/10.
Од 2010 до 2018 година настапуваше за Натухаус Ла Риоха од Логроњо, клуб во кој ја заврши играчката и ја започна тренерската кариера.
Гарабаја со тренерската работа започна да се занимава во Логроњо како асистент тренер во 2018 година. Три години остана во Натурхаус Ла Риоха и го прифати првиот меѓународен предизвик како селектор на женската репрезентација на Кина.
Во 2021 година на покана на Роберто Гарсија Парондо (поранешен тренер на Вардар) стана асистент тренер во египетската репрезентација. Во овој период од две години освојува злато од шампионатот на Африка и сребро од Медитеранските игри.
Во 2022 година почнува самостојна тренерска кариера во шпанскиот клуб Синфин Сантандер, каде што работеше се до повикот од Битола.
Извор/ РК Еурофарм Пелистер