Ракометната репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) во Краков го игра клучниот натпревар за пласман во главната фаза од Мундијалот. Ривал е селекцијата на Аргентина, која исто како и македонскиот национален тим, забележа два убедливи порази на стартот од фаворитите Норвешка и Холандија.
На тимот на Кирил Лазаров му е потребен триумф за да ја оствари целта.
„Дојдовме тука со цел да ја минеме првата фаза и сега ни претстои главната битка со Аргентина. Се работи за квалитетен противник кој покажа дека игра цврст и добар ракомет. Сметам дека сме тука некаде со квалитетот, доколку сакаме да победиме мора да одиграме максимално и да ги сведеме грешките на минимум. Се надевам ќе бидеме комплетни, иако ситуацијата со Томи Јагуриновски не е сјајна“, изјави селекторот Кирил Лазаров.
Македонија првпат ќе ги одмери силите со Аргентина на мундијалите, а дуелот ќе го судат литванските судии Ваидас Мажеика и Миндаугас Гателис.