Top Sport

СЕХА: Вардар против Пекинг утре тргнува во одбрана на титулата

Петкратниот првак од СЕХА-Газпром лигата, Вардар утре (вторник, 20,45 ч. СЦ „Јане Сандански”) влегува во новата, деветта сезона во регионалното ракометно натпреварување.

„Црвено-црните“ одбраната на титулата ќе ја започнат против дебитантите Пекинг Спортски Универзитет. Сезонава во СЕХА-лигата ќе играат 12 екипи кои се поделени во две групи.

Покрај Пекинг противници на Вардар ќе им бодат Мотор Запорожје, Нексе, Татран Прешов и Војводина.

Вардарци во новата натпреварувачка сезона влегуваат по освоеното трето место на Супер Глоуб, неофицијалното светско клупско првенство.

„Среќен сум што почнува официјалниот дел од сезоната и што ќе биде во Скопје. Пекинг Универзитет е непознат тим. Сепак, после Супер Глоуб за нас е важно да го кренеме нивото и да почнеме да играме сè подобро. За играчите е добро да почнат во добар ритам и без разлика што ова е непознат ривал наше е да одиграме најдобро што можеме и се надевам дека како ќе одминува времето ќе бидеме сè подобри”, изјави тренерот на вардарци, Давид Писонеро.

Пред почетокот на новата сезона вардарци играа на турнир во Требиње каде го освоија првото место, победија на две контролни средби со АЕК и Еурофарм Работник и го освоија третото место во Дамам, Саудиска Арабија.

„Не сум задоволен од сите резултатите досега. Мојата цел е секогаш кога ќе излеземе на терен да победуваме. Иако победата е најважна ова досега беа подготовки. Супер Глоуб е повеќе од обични подготовки, а можам да бидам задоволен од првото полувреме против Кил. За мене е многу важно да играме добро и како влегуваме во натпреварите. Од тоа можеме да сме задоволни”, рече Писонеро.

За почетокот на сезоната Вардар нема да може да смета на Стојанче Стоилов и Жозе Толедо, кои се повредени. Во екипата се врати и Глеб Калараш кој ќе ја засили одбраната.

извор и фото/rkvardar.mk

Scroll to Top