Top Sport

СЕХА: Вардарци со драматична гостинска победа во Прешов (видео)

Вардар го продолжи совршениот старт на новата сезона во СЕХА Газпром лигата, откако во драматична завршница триумфираше со 27:26 (13:10) на гостувањето кај Татран Прешов во Словачка.

Ова е трета победа во третиот меч од регионалната лига за актуелниот шампион, и до неа стигна најтешко, откако Стас Скубе во последната минута постигна гол за победа, а потоа ударите на Урбан и Буторац беа одбранети, односно блокирани.

Домаќините очигледно сакаа да го земат „скалпот“ на вардарци, по подобриот старт на мечот, во кој водеа со 5:3 и 8:5, но потоа Вардар се врати од 10:7 негатива до 10:13 водство на полувреме. Предноста од два-три гола, македонскиот шампион ја одржуваше во текот на целото второ полувреме, пред во финишот словачкиот тим да се доближи и да израмни на 25:25 на три минути пред крајот на мечот.

Вуко Борозан беше најрасположен кај „црвено-црните“ со шест гола, пет уфрли Карачиќ, а четири Криштопанс, додека кај домаќините најефикасен беше Лукаш Урбан со девет постигнати голови. Милосављев на голот на Вардар имаше 14 одбрани.

Scroll to Top