Екипата на Веспрем избори пласман во финалето во Лигата на шампионите. Во првото полу-финале на завршниот турнир во Келн, Веспрем славеше над Кјелце со 33:30 (13:13). Натпреварот го обележа Петар Ненадиќ кој во второто полувреме постигна 11 од своите 12 гола.
Веспрем моќно го започна полу-финалето, веднаш дојдоа до предност од три гола, а Кјелце првиот гол го постигнаа во шестата минута. Унгарците, благодарение на Штербик ја одржуваа разликата од три гола, а поранешниот голман на Вардар во 14 минута веќе имаше шест интервенции.
Голем хендикеп за Веспрем се случи во 20 минута кога Штербик го повреди скочниот зглоб и ја напушти играта. Кјелце во тие моменти се вратија во мечот, ја стигнаа и престигнаа предноста на Веспрем и со серија од пет гола дојдоа до водство 8:10.
Полувремето сепак заврши без победник 13:13.
Веспрем имаа подобар ритам и на почетокот од второто полувреме, стекнаа два гола предност во 35 минута, а Кјелце израмнија на 18:18 во 38 минута.
Во 40 минута Балготиншек доби директен црвен картон, потоа Душебаев во обид да спречи контра на противникот беше исклучен и му овозможи серија од четири гола на противникот.
Три од тие четири гола Веспрем постигнаа на празен гол. Од 38 минута конците во играта на Веспрем ги презеде српскиот репрезентативец Петар Ненадиќ.
Тој ја креираше серијата од четири гола за 22:18 во 48 минута.
Кјелце во 52 минута, преку Јанц и Душебаев се доближија на гол негатива 28:27, а потоа со серија на технички грешки им овозможија на Веспрем да ја врата предноста од четири гола во 58 минута (32:28).
На крајот Веспрем со победата 33:30 им се реваншираше на Кјелце за поразот во финалето во 2016 година.
Веспрем во финалето ќе играат против победникот од второто полу-финале во кое ќе играат Вардар и Барселона.
Прво име на натпреварот беше Ненадиќ со 12 гола, а го следеа Гајиќ и Лекаи со по шест гола. Голманите на Веспрем Штербик и Миклер заедно имаа 16 одбрани. Кај Кјлеце најефикасни беа Душебаев седум, односно Циндриќ и Каралек по пет гола.