Top Sport

Штербик спречи пораз на Вардар (видео)

Ракометарите на Вардар по деветтото коло ќе останат единствената непоразена екипа во Лигата на шампиони. Европскиот првак, во неделата, гостуваше кај Рај Некар и одигра нерешено 21:21 (11:11). Вардар со скор од седум победи и две нерешени си го трасира патот кон освојување на првото место во А-групата и директен пласман во четвт-финалето.

Рајн Некар и Вардар водеа „војна“ во текот на целиот натпревар, каде во преден план беа одбрамбените формации и голманите на двата тима. Колку беа израмнети тимовите на овој меч говори и податокот дека ниту еден тим немаше предност поголема од два гола.

Воведните десет минути најавија тежок, физички исцрпувачки натпревар. По десет минути на семафорот стоеше резултатот 2:2. Домаќинот прв стекна два гола предност (5:3) во 18.минута, од која Вардар бргу се врати и во 26.минута „црвено-црните“ имаа 8:10. Рајн Некар возврати со серија од три гола за 11:10, а на полувреме беше 11:11.

Играта „гол за гол“ продолжи и во вториот дел. Повторно Рај Некар прв се одлепи на два гола од противникот (18:16) во 47 минута, Вардар за две минути се врати во егал. Нови два гола позитива (21:19) Рајн Некар стекна во 55.минута и тука заврши голгетерскиот дел на „лавовите од Мајнхам“.

До крајот блексше Штербик ја „спушти ролетната“ и му овозможи на Вардар да стигне до реми.

Чупиќ на 42 секунди до крајот постигна гол за израмнување 21:21. Последниот напад го имаше домашниот тим, кој нападна со седум играчи, акцијата изработена за пикерот Гвардиола, но во последната секунда Штербик го одбрани неговиот удар.

Штербик беше играч на мечот, доминираше со 13 интервенции, а одличен натпревар имаше и неговиот колега од спортивната страна Палицка кој имаше 11 одбрани.

Стрелците кај Вардар ги предводеше Дибиров со пет гола, еден помалку постигна Кристопанс. Со по четири гола најефикасни во редовите на Рајн Некар беа Петерсон Менсах-Ларсен.

Вардар во наредното коло ќе го пречека Кристијанштад. Дуелот ќе се одигра од 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Scroll to Top