Ракометните репрезентативци на Словенија со убедливи 51-29 славеа во нивниот прв настап на Мундијалот во Египет против селекцијата на Јужна Кореја. Словенците до врв ја наполнија мрежата на подмладените Корејци и се искачија на врвот во групата Х каде попладнево Русија и Белорусија играа нерешено 32-32.
Со фуриозна игра во сите 60 минути, Јанц, Гајиќ и останатите го полнеа голот на противничката селекција.
Иако и во првиот дел Словенија имаше +11, на одмор се отиде со 9 разлика, 25-16.
Во ист ритам се продолжи и во вториот дел, кој Словенците го добија со 26-13 за конечни 51-29.
Најпрецизни кај „Змејчеките“ беа крилата Блаж Јанц и Драган Гајиќ со по 10 гола, а Мачковшек броеше до 5.
Втората резерва на Мундијалот, селекцијата на Швајцарија која во последен момент се најде во Египет, на местото на САД ја изненади селекцијата на Австрија и славеше воведен триумф на првенството со 28-25 во рамки на групата Е каде вечерва својот дуел ќе го одиграат големите фаворити Франција и Норвешка.
Првата ѕвезда на Швајцарците, ветеранот Енди Шмит беше најефикасен во победничката селекција со 7 гола, го следеше Рубин со 6.
Кај Австрија во отсуство на Билик и Божовиќ, најпрецизен беше Вебер со 7 погодоци, а Живковиќ имаше 5.
Драматичен триумф со голем пресврт направи Алжир на дуелот со Мароко во 1 коло од групата Ф. Алжирците на полувреме губеа 15-8, а на крајот на мечот славеа триумф со 24-23 во последните моменти од мечот. Поранешниот вардарец Гедбан беше на голот на Алжирците.