Ѕвездите продефилираа, добија аплаузи, врамени дресови за подароци и потсетија на ракометната магија што сѐ уште ја имаат во себе. Тоа не се заборава, потсети Ванчо Димовски со неверојатна „шрауба“, а актуелните ракометни македонски репрезентативци имаа максимален респект за своите некогашни идоли.
Публиката го награди секој одличен потег, а на крајот победи хуманоста, затоа што сите средства од ракометниот спектакл што се одржа во СЦ “Борис Трајковски“ меѓу актуелната репрезентација на Македонија и ветераните, оние кои го носеа националниот дрес во изминатите две и пол децении, се наметени како поддршка за СОС Детско село.
Кире Лазаров и Столе Стоилов добија огромен аплауз, како и сите останати, за сѐ што сторија за Македонија и за македонскиот ракомет.
Актуелните репрезентативци, кои ќе ги предводи Кире Лазаров за неколку дена на Светското првенство, сигурно добија дополнителен мотив за успешен настап на Мундијалот.
Резултатот е веројатно најневажна ставка на овој ракометен спектакл, но ќе остане запишано дека сепак победија во моментот подобро подготвените, актуелните репрезентативци на Македонија со 25:21. Кире Лазаров го почувствува тоа, во првиот дел играше за ветераните, но потоа си седна на клупата за да биде победник. Да „тргне“ пред Светско…
Неизбежен декор беа и легендарните судии, Марјан и Драган Начевски.
Фото: Игор Паневски/Топспорт.мк