Стојанче Стоилов беше гостин на вечерната емисија на ЕХФ пред утрешните полуфиналиња во Лигата на шампиони, каде што зборуваше за неговата љубов кон кучињата, тактиката на Гонзалес, а реши и да не верува во суеверија и да го допре шампионскиот трофеј пред да го освои.
Стоилов беше на интервју заедно со голманот на Монпелје, Винсен Жерар, и прва тема за која се фати се кучињата, кога советуваше дека „сите треба да имаат куче“.
Стоилов зборуваше и за подготовките кои ги имаат со тренерот Раул Гонзалес, откривајќи дека ниту еден од ракометарите на Вардар не знае дека е во стартниот состав сѐ до стартот на мечот.
„Кога ќе почнеме не ни зборува многу. Ги знаеме тактиките, кои се разработени веќе една недела, и само играме“, вели Стоилов.
Тој се потсети и на еден жесток дуел со голманот Жерар, но двајцата признаа дека тоа се случува во жарот на борбата на теренот.
Во другото полувреме на интервјуто со ирскиот ракометен новинар Том О Бранаг, беа и Доминик Клајн од Нант и Јеспер Нилсен од ПСЖ, со кои се фотографираа на крајот на емисијата. О Бранаг сфати дека другите ракометари не сакаат да го допрат трофејот кој беше пред нив, но посочи дека на Стојанче „не му е грижа за такви работи“.
Целото интервју можете да го погледнете на сајтот на ЕХФ, а делот со Стоилов може да го погледате од 36:20 на ЛИНКОТ.