Македонскиот ракометен првак Вардар многу веројатно ќе го задржи тронот во Македонија откако успеа да слави на дербито во Битола против Еурофарм со Пелистер со 23:26. „Пелистерци“ остануваат без шампионски трофеј и по 17 години пост, а „црвено-црните“ ќе продолжат со доминацијата. Сега Вардар има бод предност на табелата, а во преостанатите три кола ќе игра против релативно лесни ривали кои се очекува да ги победи.
Во неизвесен натпревар, тензичен и пред полни трибини во салата „Боро Чурлевски“, Еурофарм Пелистер и Вардар прикажаа допадлив ракомет, а на полувреме заминаа без предност (11:11).
Битолскиот тим никогаш не успеа да обезбеди повеќе од два гола предност, вардарци имаа три и на крајот со песна се враќаат во Скопје.
Во последните пет минути ривалите влегоа со егал (22:22). Куни Моралес беше прецизен во нападот, Борко Ристовски ги одбрани ударите на Танковски и на Граџан, а потоа и Гоце Георгиевски украде клучна топка, па Вардар дојде до 22:25.
На крајот, вардарци славеа со 23:26.
Куни Моралес беше најефикасен ракометар на мечот со десет гола, а Филип Талески постигна шест.