Ракометарите на Тиквеш доживеаја убедлив пораз на гостувањето кај турскиот шампион Бешикташ со 31–20 во првиот натпревар од второто коло во ЕХФ Европскиот куп, со што речиси ги загубија шансите за пласман понатаму.
Кавадарчани отворија добро и поведоа со 2–1 по само три минути игра, но потоа целосно застанаа. До крајот на полувремето успеаја да постигнат само уште еден погодок. Хрватскиот голман Матеј Ашанин блескаше на голот на Бешикташ и покажа зошто своевремено Лино Червар го сметаше за еден од најперспективните млади голмани.
Ниту еден удар на Тиквеш не можеше да мине покрај Ашанин, кој имаше дури 70% успешност во првото полувреме. Во меѓувреме, домашните ракометари лесно ја полнеа мрежата на гостите и на паузата имаа водство од 16–3.
Во вториот дел Бешикташ рутински ја контролираше играта и само ја зголемуваше предноста. Тиквеш успеа малку да го поправи впечатокот, но разликата не падна под десет погодоци.
Со овој резултат, реваншот следната сабота во Кавадарци ќе биде само формалност, а македонскиот претставник ќе може да се фокусира на настапите во Супер машката лига.
Најдобри стрелци кај Бешикташ беа Ханиоглу со осум и Бабачан со пет погодоци, додека Ашанин запиша 12 одбрани. Кај Тиквеш се истакнаа Коцев со пет и Христоски со четири гола.