Ракометарите на Вардар забележаа пораз во претпоследниот натпревар во Б-групата во Лигата на шампионите. Попладнево во Порто европскиот првак загуби од домаќинот со 30:22. Со оваа победа Порто го мина Вардар на петтото место и обезбеди пласман во осмина-финалето.

Вардар, со оглед на сите проблеми со кои е соочен, одигра солидно прво и лошо второ полувреме.

Црвено-црните добро влегоа во мечот поведоа со 3:1, а потоа му дозволија на Порто серија 6:1. Домаќините го презедоа водството 7:4 и од тој момент па до крајот на полувремето вардарци ја бркаа негативата.

Се доближија на еден гол, а имаа и можност во последните секунди да израмнат.

Балансот во првото полувреме го држеше младиот голман на Вардар, Кизиќ кој по 30 минути игра имаше девет одбрани.

Во вториот дел играта на Вардар, особено во одбраната се распадна, што зборува и податокот дека Порто постигна 19 гола.

Покрај Кизиќ кај Вардар се истакна Шишкарев со седум гола. Кај Порто најдобар играч беше голманот Кинтана со 15 интервенции.

Во последното коло Вардар ќе го пречека Монпелје, а Порто ќе гостува кај Мешков Брест.

foto/rkvardar.mk