Вардар го задржа перфектниот старт во Лигата на шампионите. Четвртата победа во сезоната црвено-црните ја забележаа над Рајн Некар 29:27 (13:15). Вардар го израмни својот најдобар старт во елитната конкуренција и воедно ја забележа шестата победа во десеттиот меѓусебен дуел со германскиот вице-првак.
Рајн Некар се закани, но борбеноста на Вардар не дозволи германскиот тим да остане непоразен во Скопје. Вардарци клучниот чекор кон победата го направија во финишот на првото и почетокот на второто полувреме.
Германците предводени од Петерсен и Колбахер (по пет гола во првиот дел) доминираа во првите 30 минути од натпреварот. Вардар во првото полувреме немаше никакви решенија за нападот на Рајн Некар.
Германскиот тим најчесто одржуваше предност од два гола, а на почетокот на 29.минута по голот на Петерсон разликата дојде до максимални четири гола (11:15).
Сепак во финишот на полувремето Мораеш и Дибиров погодија за минус два, а потоа рускиот репрезентативец имаше свое шоу на почетокот на вториот дел кога постигна три гола во низа.
Вардар прв пат стигна до предност во 35.минута (16:15). Следуваше период на израмнета игра, а Вардар завршниот удар го зададе во последните десет минути, кога стигна до позитива од три гола, а потоа победата ја одбрани и голманот Милосављев кој повторно имаше забележителна улога (10 одбрани).
Тимур Дибиров го предводеше Вардар со осум гола, четири постигна Игор Карачиќ. Кај Рајн Некар најефикасен беше Александер Петерсен со седум гола. а македонскиот репрезентативец Филип Талески постигна еден гол.
Вардар во наредната рунда ќе гостува кај Кјелце на 14.октомври.