Top Sport

Вардар го мина германскиот „испит“, во Келн по одбрана на европскиот трон (видео)

Вардар ќе ја брани титулата во ракометната Лига на шампионите, откако во тежок меч, последен европски во ваков состав, и покрај поразот од 27:28 ја мина последната пречка пред Ф4 во Келн, откако на гости победи со 29:28.

Тимот на Раул Гонзалес беше најдобар кога беше најтешко и најпотребно, „кршејќи“ го мечот во второто полувреме по 13:13 по првите 30 минути, и сега уште еднаш треба да потврди дека е најдобар клуб во Европа пред следната сезона да почне една нова ера за момците во „црвено-црно“.

Почетокот не беше најдобар за Вардар, откако дури шест минути не успеаја да постигнат гол против неверојатниот Никлас Ландин, за гостите да поведат со 0:3, за по ова македонскиот клуб охрабрен од преполната СЦ „Јане Сандански“ да направи пресврт за водство од 10:7. Сепак, Кил преку Зарабец и Вујин во финишот на полувремето не дозволија предност за домаќините и второто полувреме започна со 13:13.

Второто полувреме ја крена нервозата кај навивачите и кај гледачите на ТВ екраните, откако Вардар не успеваше да се одлепи од германскиот состав, кој покажа дека е во четврт-финалето сосема заслужено. Во финишот тие успеаја дури да дојдат до водство од 27:28 (со кое Вардар, сепак, влегуваше на Ф4), пред во последните секунди Тимур Дибиров да постигне гол, кој сепак, судиите не го признаа.

Вуко Борозан беше најрасположен за „гаѓање“ кај вардарци со постигнати шест гола, додека четири имаше Мораеш.

На Ф4 турнирот во Германија, Вардар веќе го чекаат два француски тима – Пари Сен-Жермен по вчерашната елиминација на Киелце, како и Нант на Кирил Лазаров, кои одиграа 27:27 на гостувањето кај данскиот Скјерн, но имаа високи шест предност од првиот натпревар.

И третиот противник може да биде француски, бидејќи Монпелје подоцна ги пречекува Флензбург откако првиот меч заврши со 28:28.

Фото: ЕПА

Scroll to Top