Македонските претставници во ракометната Лига на шампионите, Вардар и Металург, денес ќе ги одиграат првите натпревари во елитната конкуренција, во новата сезона. Двата тима во првото коло ќе играат на гостински терен, Вардар кај европскиот првак Монпелје, а Металург во Лисабон кај Спортинг.
Дерби на првата рунда е пресметката помеѓу двата последни европски шампиони Монпелје и Вардар. Македонскиот шампион со изменет состав ќе се обиде да го изненади актуелниот владател Монпелје.
Вардар на овој натпревар, а и во поголемиот дел од сезоната ќе биде без Горбок, додека кај Монпелје ќе недостига Гребиј.
Металург, со сите проблеми што го следат тимот, го очекува дуелот против Спортинг. Вице-првакот на Македонија по само два натпревари остана без Филип Кузмановски, кој спогодбено го раскина договорот и замина во Еурофарм Работник.
Дербито во Монпелје ќе започне во 17:30 часот, а два часа подоцна ќе почне натпреварот во Лисабон.