Top Sport

Вардар ќе игра четвртфинале во СЕХА, но без тренерот и 8 ракометари

Скопски Вардар 1961 е четвртфиналист во регионалната СЕХА лига откако попладнево „црвено-црните“ по вторпат беа поуспешни од српска Металопластика со резултат 26:23 (14:11).

И вчера Вардар на првиот меч во СЦ „Јане Сандански“ триумфираше и тоа поубедливо, со 39:31.

На денешниот меч Дибиров и Шеваљевиќ со по 5 постигнати гола беа најефикасни кај победникот, а свој ден имаше и младиот голман Марко Кизиќ кој натпреварот го заврши со дури 17 одбрани.

Во четвртфиналето, „црвено-црните“ за противник ќе го имаат тимот на ППД Загреб, но термините за двата дуела со загрепчани дополнително ќе бидат одредени.

Останатите четвртфинални парови се: Е. Пелистер – Мешков Брест, Татран Прешов – Мотор Запорожје, Нексе – Веспрем.

На денешниот меч во Скопје „црвено-црниот“ дрес за последен пат го носеа осуммина ракометари – Иван Чупиќ, Глеб Калараш, Кристијан Дисингер, Марко Кизиќ, Ловро Јотиќ, Васко Шеваљевиќ, Јосип Векиќ и Робин Кантегрел.

Освен нив, следната сезона на клупата на двојниот европски шампион нема да биде ниту тренерот Стевче Алушовски.
Фото: РК Вардар 1961

Scroll to Top