Најдобриот европски клупски ракомет се враќа на терените по паузата што беше направена поради Светското првенство во ракомет. Единаесеттото коло ќе го отворат Рајн Некар и Вардар, натпреварот во Мајнхајм ќе започне во 19 часот.
Пред стартот на вториот дел од сезоната, луѓето од Европската ракометна федерација (ЕХФ), на официјалната страница на Лигата на шампионите, направија анализа во која се занимаваат со шансите на тимовите за пласман на завршниот турнир во Келн.
Вардар, во оваа анализа, го нема меѓу најдобрата четворка.
„Вардар 2018 година ја заврши пред екипите кои се во трката за второто место во А-групата. За да остане таму ќе мора да биде во топ форма. Рожерио Мораеш нема да игра и тоа е единственото отсуство во скопскиот тим кој ќе се обиде да ја најде брилијантната форма од почетокот на сезоната“, пишува во анализата.
Инаку, вечерва против Рајн Некар покрај Мораеш, во тимот ќе го нема и Вуко Борозан. Црногорецот исто така се рехабилитира од повредата.
Вардар последните две години играше на завршниот турнир, во 2017 црвено-црните ја освоија титулата, а на лани завршија на четвртото место. Црвено-црните се на петтото место во оваа анализа.
Според ЕХФ најголеми фаворит за пласман на завршниот турнир се лидерите во групите Пари Сен Жермен и Барселона. Овие две екипи по одиграни десет натпревари имаат по девет победи и еден пораз.
Зад ПСЖ и Барселона се унгарскиот шампион Пик Сегед и вечерашниот противник на Вардар, Рајн Некар.
Зад Вардар, ЕХФ ги рангираше Веспрем, Фленсбург, ППД Загреб, Кјелце и Нант.