Top Sport

Вардар тргна со победа во 10. СЕХА сезона, падна Војводина во Скопје

Еден од двата претставника во регионалната ракометнаа СЕХА лига, поранешниот европски шампион Вардар со победа од 25-21 против српска Војводина ја започна новата 10. сезона и тоа по пауза од повеќе од 2 месеци без одигран меч.

„Црвено – црните“ вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје доминираа во текот на сите 60 минути против Војводина, а гостите од Нови Сад единственото водство на мечот го имаа при резултат 0:1.

Оттука започна доминацијата на Вардар. Во првите 30 минути разликата во полза на пулените на Стевче Алушевски одеше максимум до +5, па на полувреме се замина со резултат 15-10.

Голот на мечот е за Стојанче Стоилов, шрауба во 6. минута од мечот:

Во вториот дел продолжи доминацијата на домашната екипа, а најголемото водство беше од +6 во неколку наврати, последно при резултат 20-14.

Најефикасен на средбата беше играчот на Војводина Младен Шотиќ со 6 гола, а кај Вардар 1961 со по четири погодоци листата на стрелците ја предводеа Тимур Дибиров и Гоце Георгиевски. Голманот Борко Ристовски имаше 10 интервенции.

Вардар 1961 го чека пеколен распоред во февруари.

Освен мечевите против Нексе на 1. и Мотор на 27 февруари, скопската екипа ќе биде пред уште поголеми искушенија и во ракометната Лига на шампиони каде идниот месец ги очекуваат 7 натпревари против Порто на 4., со ПСЖ на 9., со Фленсбург на 11., па дома со ПИК Сегед на 14. февруари. Потоа следува дуелот во Скопје со Елверум на 21. и гостување кај истиот противник на 25. идниот месец.

Фото: SEHA league

Scroll to Top