Вардар, неславно, стигна до својот седми пораз во низа во ЕХФ Лигата на шампионите, губејќи во регионалното дерби кај ППД Загреб со 23:22, за да го загуби шестото место во групата А, последно кое води во осминафиналето.
Во меч полн со пресврти и лута борба за секој гол, Вардар неколку пати во второто полувреме имаше предност од два гола, за на крајот да го загубат мечот од клубот кој минатата недела ја прекина најдолгата серија без победа во европското елитно натпреварување.
Загреб почнаа подобро, но Вардар успеа да се врати за водство од 11:9 во првото полувреме, пред на одмор да се отиде со предност на домаќините од 14:12. „Црвено-црните“ имаа фантастичен старт на второто полувреме, да вратат водство од два гола (16:18), по што се играше гол-за-гол до финишот на мечот.
Поранешниот вардарец, Иван Чупиќ ги предводеше Загреб со 5 постигнати гола, четири уфрли Давид Мандиќ, додека за Вардар, Тимур Дибиров и Жереми Тото имаа по 4 гола.
ЕХФ ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ГРУПА А
ППД Загреб – Вардар 23:22 (14:12)
Елверум – Алборг 28:34 (12:16)
Мешков Брест – Монпелје 31:31 (17:18)