ЖРК Вардар во петок во 19 часот ќе се обиде да го комплетира успешниот „поход“ на натпреварите по групи во Лигата на шампиони, кога ќе го пречека германскиот Турингер со скор од 5 победи во 5 меча.
Европските вицешампионки веќе се имаат пласирано во следната фаза, но со триумф над Турингер ќе обезбедат осум поени за следната групна фаза, која се игра во февруари и јануари во група со првите три тимови од групата Д. Турингер од друга страна, уште има теоретски шанси за пласман. Јованка Радиќевиќ бара полна сала за сигурна победа.
„После важната победа во гости кај ФТЦ малку се опуштивме, бидејќи тоа ни беше прва цел. Но сега веднаш се свртевеме за овој меч со Турингер, и на максимални подготовка за она што следи. И тие доаѓаат со намера да победат и овие бодови и нив им се важни. Ништо не значи што ги победивме во гости ако сега не ги сфатиме сериозно. Нема да биде лесно, тие играат сите 60 минути на исто ниво без разлика дали се на гости или дома. Така играа и кај ФТЦ. Треба да имаме максимално сериозна одбрана, тоа ќе биде важен клуч за победа. Заслуживме салата да биде полна, а ние ќе возвратиме со добра партија на терен и победа“, објасни Радичевиќ.
И тренерот, Ирина Дибирова не сака да се опушта и покрај победата на гости кај Турингер од 21:29.
„Ова е последен меч во групната фаза и е особено важен за нас. Потребни ни се овие бодови за да можеме да пренесеме повеќе бодови во следната фаза. Имаат добра екипа, иако ги победивме со осум гола разлика. Тоа сега нема ништо да значи, и тие ќе се борат за бодовите бидејќи и нив им е важно да освојат бодови. Ќе се бориме сите 60 минути и верувам ќе ги израдуваме навивачите”, изјави Дибирова.
Фото: ЖРК Вардар