Европскиот вице-првак во ракомет, Вестпрем, објави дека клубот го продолжил договорот со тренерот Давид Дејвис Камара и дека од денес нов играч е Црногорецот Вуко Борозан.
Давид Дејвис, според договорот, ќе го предводи Веспрем до 30 јуни 2023 година. Поранешниот помошник на Раул Гонзалес во Вардар и тренер на ракометарките на Вардар, го презеде Веспрем на 9 октомври минатата година.
Сезонава тој ја врати шампионската титула во Веспрем, а со тимот стигна до финалните натпревари во унгарскиот Куп и во Лигата на шампионите.
Вуко Борозан во текот на сезоната, поради финансиската криза во Вардар замина од Скопје и уште тогаш постигна договор со Веспрем. Денес двете страни ја официјализираа две годишната соработка.
Борозан, претходно од 2016 година играше во Вардар и беше дел од генерацијата која во сезоната 2016/2017 ја освои првата титула во Лигата на шампионите.