Иако постоеја најави дека унгарски Веспрем, по едно годишна пауза, ќе се врати во регионалната ракометна СЕХА лига, тоа нема да се случи, бидејќи лигата нема да го смени системот на натпреварување, што беше единствениот услов на клубот.
Веспрем побара од СЕХА да го смени системот на натпреварување, односно лигата да биде поделена во две групи, меѓутоа откако учеството во лигата најпрвин го откажа Горење, а потоа и Целје, од СЕХА решиле да се игра според стариот систем што не му одговара на двојниот шампион во ова натпреварување.
„Во Келн, на Ф4 турнирот, постигнавме вербален договор со СЕХА, дека ќе има измени во системот, но сега сме известени дека двата тима од Словенија нема да учествуваат, поради што нема да може да се воспостави новиот систем (две групи од по 5-6 екипи), туку ќе се продолжи по стариот систем. Во лигата ќе има 10 екипи, а потоа најдобрите четири ќе играат на Ф4. Тоа не ни оди во прилог, поради што мора да го откажеме учеството“, се вели во соопштението на Веспрем.
Со откажувањето на овие три екипи СЕХА лигата значително ќе загуби на квалитетот, а челниците допрва ќе решат кои екипи ќе влезат на местото на оние што се откажаа, веројатно ќе бидат вклучени екипи од Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Засега сигурни во лигата се: Вардар, Металург, Загреб, Нексе, Мешков Брест, Татран Прешов, Железничар.